Министерство за финансии

Буџетските приходи растат, расходите се сервисираат редовно

05.08.2026 11:42

Буџетските приходи во првите седум месеци од годинава се реализираат согласно планираното и бележат раст во однос на лани, соопшти Министерството за финансии. Според податоците, раст има кај даночните приходи и капиталните расходи, а обврските кон домашните и странските кредитори се исплаќаат навреме.

Вкупните приходи во Буџетот заклучно со 31 јули изнесуваат 204,553 милијарди денари, што претставува 53,9 проценти од годишниот план и е за 9,3 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година, соопшти Министерството за финансии.

Даночните приходи, како изворни буџетски приходи, се реализирани во износ од 117,963 милијарди денари, односно 55,33 проценти од планираното, при што е регистриран раст од 10 проценти на годишно ниво.

Најголема реализација има кај данокот на добивка – 62,8 проценти од планот, со наплатени 16,687 милијарди денари, што е за 20,6 проценти повеќе од истиот период лани. Приходите од ДДВ достигнале 53,026 милијарди денари, а од персоналниот данок на доход 20,925 милијарди денари. Во истиот период кон компаниите е вратен ДДВ во износ од 23,333 милијарди денари.

На расходната страна, капиталните инвестиции достигнале 21,288 милијарди денари, што е раст од 39,6 проценти во однос на првите седум месеци од 2025 година. Дополнително, 717 милиони денари се префрлени кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.

Министерството информира дека редовно се сервисираат и обврските по основ на јавниот долг. Исплатени се 49,351 милијарда денари за стари долгови на странскиот пазар, 11,665 милијарди денари кон домашни кредитори, како и 308 милиони денари по основ на обврзници за денационализација.