Владата ги отфрли обвинувањата на СДСМ за набавката на вода за Гостивар
Владата ги демантираше обвинувањата на СДСМ дека договорот за набавка на флаширана вода за Гостивар бил склучен без јавен оглас. Велат дека постапката била спроведена преку тендер, а водата ќе продолжи бесплатно да им се дистрибуира на граѓаните додека не се потврди исправноста на водоводната вода.

Владата ги отфрли како неосновани тврдењата на СДСМ дека договорот со компанијата „Кожувчанка“ за набавка на флаширана вода за жителите на Гостивар бил склучен со директно договарање, без јавен оглас.
Во реакцијата се наведува дека постапката со преговарање ја спровела Службата за општи и заеднички работи, а договорот бил доделен преку тендер на компанијата „Кожувчанка“.
Од Владата оценуваат дека станува збор за „манипулации и дезинформации“ и обвинуваат дека опозициската СДСМ ги искривува фактите.
Во однос на набавката, Владата информира дека флашираната вода бесплатно им се обезбедува на граѓаните на Гостивар сè додека надлежните институции не потврдат дека водата од градскиот водовод е безбедна за пиење.
Според Владата, шише вода од 1,5 литри е набавено по цена од 12,5 денари, иако неговата малопродажна цена изнесува најмалку 25 денари. Посочуваат дека пониската цена е резултат на придонесот на компанијата „Кожувчанка“ во услови на кризна состојба.
Претходно, СДСМ обвини дека преку Службата за општи и заеднички работи е склучен договор за набавка на вода во вредност од околу 100.000 евра без јавен оглас и побара одговорност.
