Блиски Исток

Неделава можен договор меѓу САД и Иран, Техеран негира

05.08.2026 16:58

Ормускиот теснец е отворен, договорот со Иран може да биде постигнат наскоро, уверува администрацијата на САД.Посредникот Катар објави дека заедно со Оман постигнале напредок во посредувањето меѓу завојуваните страни, но Техеран негира дека почнале преговорите. Од друга страна, израелските удари продолжуваат во газа и покрај постигнатиот историски договор за разоружување на Хамас...

Јужната рута низ Ормускиот теснец останува слободна и отворена за сите комерцијални бродови што сакаат да транзитираат низ меѓународниот воден пат, објави американската војска. Соопштението следува откако товарен брод беше погоден од неидентификуван проектил покрај брегот на Оман. Ормуската теснина ќе биде отворена многу брзо, или Иран ќе биде силно погоден, дециден е шефот на Белата Куќа.

„Постигнат е голем напредок. Тие сакаат да разговараат, сакаат да склучиме договор. Тие не сакаат да бидат погодени. Ова беше најголемиот удар од Втората светска војна, како што реков. И мислам дека би било многу паметно да се склучи договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Посредникот Катар, заедно со Оман работи на постигнување краткорочно решение кое би овозможило враќање на Вашингтон и Техеран на преговарачка маса, и натаму нема на повидок директни разговори меѓу завојуваните страни.

„Нашиот фокус во моментов е на избегнување на ескалација, повторно отворање на теснецот и повторно отворање на вратата за дипломатија“, изјави Маџид ал-Ансари, портпарол на МНР на Катар.

Јемските Хути велат дека истрелале ракети кон саудиски танкер за нафта во Црвено Море. Од друга страна, Газа и натаму е предизвик за мирот на Блискиот Исток. Израелските удари продолжуваат и покрај постигнатиот историски договор за разоружување на Хамас.

„Претседателот Трамп и неговиот тим мислат дека можат да го натераат Хамас да се разоружа и демилитаризира Газа, ние го разгледуваме ова. Тие ни испратија нацрт, ние не се согласивме, ги испративме нашите коментари. Цврсто стоиме на нашите интереси безбедносни интереси. Нема да се повлечеме од нашите сегашни линии сè додека Хамас не биде целосно разоружан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Американскиот претседател изминатата недела објави дека е постигнат договор за разоружување на Хамас, меѓутоа милитантната група изјави дека спроведувањето на планот зависи од прекинот на израелските воени операции.

Маријана Димовска