Руско-украински конфликт

Масовен руски напад врз Киев со жртви и повредени

05.08.2026 14:43

Десетици загинати и повредни. Русија со серија масовни напади со дронови и балистички ракети врз Киев. Се стравува оти под урнатините по нападите врз центарот на градот би можело да има затрупани луѓе.

Украина во пламен. Експлозии, пожари, запалени згради, магацини, загинати и повредени – Русија изврши серија масовни напади со дронови и балистички ракети врз Киев и околниот регион. Се стравува дека голем број луѓе би можеле да се под урнатините.

„Бев во камионот кога се случи експлозијата. Се запали. Немав време ниту да ги земам документите, топлината беше интензивна. Не можев да поверувам. И претходно сум слушнал експлозии, но ништо како денес. Не се слушаше ни дека е ракета. Не знам ни што беше“, изјави Иван Брага, возач на камион од Молдавија.

Руското министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон украински логистички воени центри за испорака на оружје, и производство и дистрибуција на дронови, откако обвини дека Киев извршил нов напад со беспилотни летала врз магацин во рускиот регион Тула. Украинската одбрана потврди дека не успеала да собори ниту една руска балистичка ракета, во време кога земјата се соочува со критичен недостиг од пресретнувачи. Зеленски изјави дека дополнителните системи „Патриот“ би можеле да спасат животи.

„Многу е важно нашите партнери да разберат дека доцнењата во нивното снабдување или неподготвеноста да се обезбедат антибалистички системи директно водат до такви ужасни жртви и уништување. Партнерите кои сè уште не се подготвени да играат поактивна улога во снабдувањето со пресретнувачи можат да помогнат со спроведување нови санкции. Значителен дел од производството на балистички ракети во Русија сè уште не е под санкции“, објави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Киев претходно изрази подготвеност за сите формати на разговори со САД за создавање услови за вистинска дипломатија и крај на војната. Русија ги интензивираше нападите врз Киев во последните недели, додека Украина, исто така, ги зголеми нападите врз руската цивилна инфраструктура, вклучувајќи ги и енергетските постројки.

 

Бојана Крстевски