Владата ги негира обвинувањата на СДСМ за набавката на флаширана вода за граѓаните на Гостивар
Владата ги негира обвинувањата на СДСМ за набавката на флаширана вода за граѓаните на Гостивар. Според нив, цената по која се набавува изнесува 12,5 денари за шише од 1,5 литри, што е значително пониско од малопродажната, која, како што наведуваат, изнесува најмалку 25 денари. Ќе продолжи бесплатно да обезбедува безбедна вода за пиење за жителите на Гостивар сè додека не се потврди деке водата од водоводниот систем е безбедна за употреба.

Водата од градскиот водовод во Гостивар и натаму е забранета за пиење поради присуство на бактерии. Може да се користи само за техничка употреба. Граѓаните се снабдуваат од цистерни или користат флаширана, која сега е повод за нова кавга меѓу власта и опозицијата. Сдсм обвини за профитерство, бидејќи службата за општи и заеднички работи склучила договор за вода за пиење во вредност од 100 илјади евра без јавен оглас. Зделката ја добила компанијата „Кожувчанка“ на кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев.
„Бизнис зделка од 100.000 евра за вода во Гостивар без тендер, без јавен оглас. Додека народот се труе, тендер-патриотите тераат бизнис. Никој нема право да си игра со здравјето на граѓаните, а уште помалку да профитира додека народот се труе“, изјави Симона Цветановска-СДСМ.
Владата потврди дека СОЗР спровело постапка за преговарање и оти договорот преку тендер го добила „Кожувчанка“, но објаснува дека шише вода од 1,5 литар, кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, владата го набавила по цена од 12,5 денари или двојно пониска цена зашто компанијата учествувала со сопствен придонес за да помогне во кризната состојба.
„Во однос на набавката на флаширана вода, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка“. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, владата го набавува по цена од 12,5 денари“, соопштија од Влада.
Во Гостивар сè уште е на сила кризната состојба и епидемија – жителите повеќе од две недели се без питка вода. Од кризниот штаб посочија дека се прават интензивни проверки на водата, па штом три последователни анализи ќе покажат дека е бактериолошки исправна, ќе може да се користи и за пиење.
Андријана Ѓурческа
