Автомобилизам

Иџе повторно ги поместува границите – Македонија добива нова причина за гордост

05.08.2026 12:43

Министерот Ристовски истакна дека успесите на Игор Стефановски се инспирација за младите генерации и доказ дека со посветеност, дисциплина и упорност македонските спортисти можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во Европа.

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со премиерот Христијан Mицкоски, денеска присуствуваше на промоција на новото натпреварувачко возило на најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе, со кое тој ќе настапува во претстојната натпреварувачка сезона.

Настанот, кој се одржа на Водно, означи почеток на едно ново поглавје во кариерата на македонскиот автомобилист кој со години е синоним за врвни резултати, професионализам и промоција на Македонија на европските патеки.

Министерот Ристовски истакна дека успесите на Игор Стефановски се инспирација за младите генерации и доказ дека со посветеност, дисциплина и упорност македонските спортисти можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во Европа.

Иџе со години е еден од најсилните амбасадори на македонскиот спорт. Секој негов настап е промоција на нашата држава, а секој негов успех е успех на Македонија. Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува спортистите кои со својата работа, резултати и професионален однос ја афирмираат државата на меѓународната сцена. Верувам дека и оваа сезона ќе донесе нови победи и ќе испише уште едно значајно поглавје во историјата на македонскиот автомобилизам - изјави министерот Борко Ристовски.

Новото натпреварувачко возило претставува значаен чекор во кариерата на Игор Стефановски – Иџе и е дел од подготовките за новите предизвици на европската сцена, каде што македонскиот шампион и оваа сезона ќе се бори за највисок пласман.