СДСМ тврди дека се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог, МНР демантира
Владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог, тврдат од СДСМ. Од МНР со реакција – нема таен план за преговори со ЕУ. Ова е уште еден обид на СДСМ за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста.

Владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Според Андреј Жерновски и информациите на СДСМ, владата на Мицкоски веќе го договорила прифаќањето, а од опозициската партија тврдат дека за ова добиле јасни сигнали од Брисел, Берлин и Париз. „Владата прифатила да ги направи уставните измени, што беше услов за отворање на поглавјата за напредок кон членство во ЕУ – не се разговори, туку се подготвуваат конкретни заклучоци за како да се направи чекорот и како на јавноста да ѝ се соопшти прифаќањето на францускиот предлог“, рече Жерновски.
„Уште еден обид на СДСМ за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста“, реагираат од МНР. Од куќата на дипломатијата категорични – тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ги пласира во јавноста.
„Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите-членки на Европската унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на владата е јасна и повеќепати јавно потврдена. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, велат од МНР.
И во владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат тврдењата на СДСМ.
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски потврди дека владата води и дипломатски разговори „под радарот“ за деблокирање на европскиот пат, но без да открие со кого се разговара, какви предлози се разгледуваат и што би требало да биде конечниот резултат. Неговото објаснување беше дека предвременото изнесување детали би можело да го осуди процесот на неуспех.
Миле А. Ристески
