Енергетика

Електроенергетскиот систем во земјава е стабилен и покрај ниските водостои во Европа

05.08.2026 17:34

Електроенергетскиот систем во Македонија е стабилен. Ниските водостои во Европа не претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на струја – информираат од Министерството за енергетика...

Состојбата во Македонија е стабилна и за сега нема индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на струја. Ова е ставот на енергетските експерти, но и на државата, па така Македонија нема да претрпи директна штета поради горештините и сушата.

Познавачите на состојбите препорачуваат внимателно да се управува со хидроцентралите, односно да се штеди производството.

Енергетичарите велат немаме нуклеарни централи, ниту дата центри кои бараат големи количини вода за ладење, па затоа удар ќе нема.

Од Министерството за енергетика ја следат состојбата во регионот и во Европа, каде има ниски водостои на реките Дунав и Рајна, што директно влијае врз производството на струја во земјите низ кои поминуваат.

„Заедно со АД ЕСМ, АД МЕПСО редовно ги следиме хидролошките параметри, расположливите резерви и прогнозите, со цел навремено да се преземат сите потребни мерки доколку условите се променат. Состојбата со акумулациите во моментов е стабилна, со исполнетост од околу 70 проценти, што овозможува сигурно и планирано производство на електрична енергија, како и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем“, соопштија од Министерството за енергетика.

Регулаторот веќе прави анализи за зголемување на дневната евтина струја. Целта е да се зголеми потрошувачката од 11 до 15 часот кога е поголемо производството.

 

Борис Грујоски