Македонија

Флашираната вода што ја добиваат гостиварци, повод за нови препирки меѓу власта и опозицијата

05.08.2026 17:11

Токму флашираната вода што ја добиваат гостиварци, повод за нови препирки меѓу власта и опозицијата. Од „Бихаќка“ обвинуваат за профитерство. Договорот бил склучен без јавен оглас. Владата тврди дека имало постапка за преговарање и оти договорот го добила „Кожувчанка“, но објаснува дека шише вода од литар и пол, кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, набавена е за дупло поевтина цена.

Повеќе од две недели, водата од чешмите во Гостивар не е за пиење – жителите користат флаширана или од цистерни. Токму пакуваната вода беше повод за нова кавга меѓу власта и опозицијата. СДСМ обвини за профитерство, бидејќи службата за општи и заеднички работи склучила договор за вода за пиење во вредност од 100 илјади евра без јавен оглас. Зделката ја добила компанијата „Кожувчанка“ на кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев.

„Бизнис зделка од 100.000 евра за вода во Гостивар без тендер, без јавен оглас. Додека народот се труе, тендер-патриотите тераат бизнис. Никој нема право да си игра со здравјето на граѓаните, а уште помалку да профитира додека народот се труе“, изјави Симона Цветановска – СДСМ.

Владата потврди дека СОЗР спровело постапка за преговарање и оти договорот преку тендер го добила „Кожувчанка“, но објаснува дека шише вода од 1,5 литар, кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, владата го набавила за 12,5.

„Во однос на набавката на флаширана вода, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка“. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, владата го набавува по цена од 12,5 денари“, соопштија од Влада.

Сопственикот на „Кожувчанка“ Митко Јанчев посочува дека во цената партиципирала самата компанија за да помогне во кризната состојба. И тоа во услови на висока температура, кога компаниите се соочуваат со недостиг од вода во производство.

„Кожувчанка“ заедно со владата има направено граѓаните да добиваат максимално ниска цена на вода, четири до пет денари парципираме во цената од 12,5 денари. Воедно, доколку има следен повик, секоја компанија којашто произведува вода може да се јави и со пониска цена или со цена која јавно ја објавивме од 12,5 денари“, изјави Митко Јанчев – сопственик на „Кожувчанка“.

Освен флаширана вода, жителите на Гостивар со вода за пиење се снабдуваат и од цистерни на неколку пунктови, во Дебреше се цистерни на „Бехтел-Енка“ и на ТЕЦ „Осломеј“, во циглана има цистерна од општина Боговиње, во Беловиште од противпожарната служба. Флаширана вода ќе продолжи да се дистрибуира на сите досегашни пунктови, согласно динамиката на пристигнување на водата, обезбедена од владата и од другите донации, информира кризниот штаб. Водата во Гостивар може да се користи само за техничка употреба.

Андријана Ѓурческа