Здравје при работа

Поголема заштита на работниците на топлото време

05.08.2026 18:24

Во услови на екстремно високи температури, Сојузот на синдикатите бара работодавачите задолжително да ја прекинат или ограничат работата на отворено во најтоплиот дел од денот. Апелираат мерките за заштита на работниците да станат законска обврска, а не само препорака.

Во услови на топлотни бранови работодавачите, според законот треба да направат проценка за ризик при работа на високи температури, вели Милан Петковски, експерт за заштита и здравје при работа. Тие имаат обврска и да подготват план за мерки за заштита на работниците кои се посебно изложени на екстремни температури како што се градежниците, земјоделците и оние кои работат на терен.

ССМ бара работодавачите да не ги третираат препораките како добра волја, туку како дел од законската обврска за безбедност и здравје при работа. Поради високите температури, апелираат работодавачите да ја запрат или ограничат работата на отворено од 11 до 17 часот.

Посебна заштита се бара за повозрасните работници, хронично болните и бремените. Работодавачите се повикуваат да обезбедат вода, почести паузи и заштита од сонце.

„ССМ бара во регулативата точно да се наведе над кои температури на плус и под кои температури на минус, не треба да се работи на отворено. Сепак, нашите заложби ќе останат и ние не отстапуваме од таквото барање, имајќи предвид дека мерките за здравјето на работниците во услови на работа при топлотен бран или при минусни температури не смее да останат само препораки, туку обврска на работодавачите“, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

ССМ ги повикува работниците, доколку не се почитуваат нивните права, да пријават во синдикатот кај претставникот за безбедност и здравје при работа и во Државниот инспекторат за труд.

Игор Панов