Воен конфликт

Русија ги засили нападите, Киев бара итна помош

05.08.2026 20:17

Експлозии, пожари и жртви по новите руски напади врз Киев и други украински градови. Додека Москва тврди дека целела воена инфраструктура, Киев предупредува на цивилни жртви и повикува на побрза испорака на противвоздушна одбрана.

Украина во пламен. Експлозии, пожари, запалени згради, магацини, загинати и повредени – Русија изврши серија масовни напади со дронови и балистички ракети врз Киев и околниот регион. Напади регистрирани и на југоистокот од земјата.

„Бев во камионот кога се случи експлозијата. Се запали. Немав време ниту да ги земам документите, топлината беше интензивна. Не можев да поверувам. И претходно сум слушнал експлозии, но ништо како денес. Не се слушаше ни дека е ракета. Не знам ни што беше“, вели Иван Брага, возач на камион од Молдавија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека целел кон украински логистички центри, производство и дистрибуција на дронови, како одговор на, како што тврди Москва, украински напад врз магацин во регионот Тула.

„Немам зборови. Ова е обична станбена населба. Тука воопшто нема воени објекти – само приватни домови“, изјави Дмитро Воробјов, жител на Харков.

Украина потврди дека не успеала да собори ниту една руска балистичка ракета, во време кога се соочува со недостиг од пресретнувачи. Зеленски изјави дека дополнителните системи „Патриот“ би можеле да спасат животи.

„Многу е важно нашите партнери да разберат дека доцнењата во нивното снабдување или неподготвеноста да се обезбедат антибалистички системи директно водат до такви ужасни жртви и уништување“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Киев изрази подготвеност за разговори со САД за создавање услови за дипломатија и крај на војната. Во меѓувреме, Русија ги засили нападите врз Киев, додека Украина продолжи со удари врз руска инфраструктура, вклучително и енергетски објекти. Путин објави промени во раководството на вооружените сили и најави реорганизација на Министерството за одбрана.

„Продолжуваме да ја усовршуваме структурата на Министерството за одбрана во светлината на барањата и искуството од специјалната воена операција“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Путин најави и формирање и нов род на вооружените сили – сили за беспилотни системи, како дел од промените во руската воена структура. Во меѓувреме, германските власти пријавија инцидент на аеродромот Лајпциг/Хале, откако дрон го нарушил воздушниот сообраќај. Летовите беа привремено ограничени, а дел од нив пренасочени. На јужната писта бил пронајден уште еден неидентификуван објект.

„Јасно е дека се случило видување на летачки објект. Моравме да реагираме бидејќи стануваше збор за безбедносен инцидент. Во приближно исто време, на јужната писта беше пронајден и објект кој првично не можеше да се идентификува“, изјави Олаф Хопе, портпарол на полицијата во Лајпциг.

Аеродромот е важен товарен центар каде се базираат и украински транспортни авиони „Антонов“. Властите засега не потврдуваат дали објектот претставувал закана. Истрагата продолжува.

Бојана Крстевски