Под лупа лекувањето во странство и боледувањата
Лекувањето во странство во фокусот на Фондот за здравство. Нотирано е како проблем во сите извештаи на државниот ревизор, но напредок не е направен. Новиот директор на ФЗО, Златко Перински најави и контролира на боледувањата. Особено под лупа ќе бидат оние коишто траат со години.

Лекувањето во странство во фокус на новиот директор на Фондот за здравство, Златко Перински. Вели, годишно се трошат 500 милиони денари, а институцијата нема податок за исходот од лекувањето. Процедурата за испраќање на пациенти оди преку три сектори во Фондот и затоа посебно тело ќе треба да ги сумира сите податоци.
Лекувањето во странство како проблем е нотирано во сите извештаи на државниот ревизор, но напредок не е направен, рече новиот директор Перински. Неговиот претходник, а актуелен министер Клековски направил посебно тело кое требало да работи на овој проблем, но без резултат.
„Ќе се формира тим од вработени во Фондот кои ќе ги следат парите, документите и начинот на лекување во странство за да ја знаеме ефикасноста“, вели Перински.
Боледувањата кои се подолги од 30 дена и паѓаат на сметка на Фондот ќе бидат предмет на ревизија и ќе се бара решение. А, во колку неблагодарна позиција се наоѓаат лекарите кои се ангажирани во комисии за продолжување на боледувањата говори фактот што морало да биде ангажирано и обезбедување.
Перински вели – не е целта некому да се скрати правото на боледување, туку боледувањата да бидат основани. Особено под лупа ќе бидат оние боледувања коишто траат со години. Околу 12% од буџетот на Фондот за здравство се одлеваат за боледувања.
Наташа Јанчиќ-Менковски
