Уапсен возачот што возеше во спротивна насока на автопатот Скопје–Велес, ќе одговара кривично
Полицијата го лиши од слобода 39-годишниот возач од тетовско, кој пред три дена со автомобил се движеше во спротивна насока на автопатот Скопје–Велес. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со возило.
Полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи денеска го лишија од слобода М.Ш. (39) од селото Челопек, Тетовско, кој на 2 август околу 19:20 часот со патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки се движел во спротивна насока на автопатот Скопје–Велес.
Инцидентот предизвика големо внимание во јавноста, откако очевидци објавија фотографии од опасното возење на социјалните мрежи.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, а тој ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител.
Од МВР повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
