Украина со повик до сојузниците за повеќе системи за одбрана
Украина бара сојузниците да ја испорачаат ветената одбранбена помош во момент кога се погласни се тврдењата дека Русија планира проширување на мобилизацијата на есен. Нападите продолжија и изминатото деноноќие. Во Киев ден на жалост по интензивните руски удари кои усмртија и повредија дестици.

краина ги засили повиците за повеќе ракети за противвоздушна одбрана, додека Русија ги интензивира нападите со балистички ракети. Од состанокот на Советот за национална безбедност и одбрана, украинскиот претседател ги нотираше клучните приоритети за пребродување на зимата. Една од главните задачи е зајакнување на антибалистичката одбрана, заштитата на критичните инфраструктурни објекти и соодветно опремени засолништа од бомби. Снабдувањето со ракети се намали за околу три пати од почетокот на 2026 година.
„Со оглед на толку голем недостиг, не знам дали постојат други причини надвор од Блискиот Исток. Можеби овие политички чекори имаат за цел да ја направат Украина, да речеме, попослушна. Според мене, тоа не е без влијание и сфаќаме дека ова е сериозен предизвик“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Шефот на Кремљ, ги смени командантите, вклучително и оние одговорни за логистиката и руските сили за беспилотни системи, во обид да ја оживее руската офанзива во Украина, во момент кога се погласни се тврдењата дека се планира проширување на мобилизацијата на есен.
„Како што знаете, продолжуваме да ја усовршуваме структурата на Министерството за одбрана во светлината на барањата и искуството од специјалната воена операција“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
ООН ги осудија обновените руски напади и повикаа на заштита на цивилите. Денеска е ден на жалост во Киев по вчерашните интензивни удари кои усмртија и повредија дестици цивили.
„Нашите хуманитци, колеги го осудија новиот бран напади од големи размери од страна на вооружените сили на руската федерација и повикаа на заштита на цивилите. Тие забележуваат дека по најсмртоносниот месец за цивилите во Украина од април 2022 година, август почна со два последователни ноќни напада од големи размери. Загинаа и беа повредени цивили во главниот град Киев и околниот регион, додека интензивираните непријателства влијаеја и на други делови од земјата“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.
Војната продолжи и изминатото деноноќие. Украина погоди две големи руски рафинерии оддалечени стотици километри од границата. Русија пак погоди железничка станица и комерцијален брод на украинска територија. Напади со ракети и беспилотни летала се регистрирани и во други региони.
Маријана Димовска
