Најуспешна туристичка сезона во Дојран

27.09.2014 16:42

Најуспешна сезона досега-ова се билансите од изминатото лето во кое Дојран нагости најголем број туристи. Атрактивните содржини, подобрената инфраструктура и се поинтересно спакуваната маркетиншкапонуда ветува повисоки рекорди и за во иднина.

Дојран го сруши ланскиот рекорд. Сезонава поставен е нов во малиот туристички бисер од 175 илјади ноќевања кој е најголемиот таргет што може да се постигне со расположливите ресурси. Изградбата на новата плажа, уредувањето на пешачката патека меѓу Стар и Нов Дојран, богатата програма на дојранското културно лето се само дел од причините поради кои во македонскиот медитеран се бараше кревет повеќе. Гостите задоволни од новиот туристички лик на градот.

„Па се подобро, подобро е секогаш“.

„Самата кллима, погледот, воздухот ми допринесе дома да одам со убави члувства“.

„Оваа година третпат, во јуни бев не беше средено, сега е супер“, велат анкетираните туристи.

Во 90-тите години Дојран избројал близу 320 илјади ноќевања, но после природната катастрофа и повлекувањето на водата од езерото следуваше туристички колапс. Локалните власти се убедени дека на градот му следува светла иднина за развој на туризмот, но и локалната економија.

„Оттука и расте интересот на инвеститорите за градење на сместувачки и угостителски комплекси. Несомнено е дека за годините кои доаѓаат ќе следат подобри времиња“, вели Борче Стамов, градоначалник на Дојран.

До година тука треба да никне и првиот кејбл парк над вода, а ќе се уредува уште една плажа. Во локалниот буџет од туристичка такса би требало да влезат околу милион и осумстотини илјади денари.

Катерина Давчева