Сцена

Започна снимањето на новиот македонски трилер „Голиот Рид“ во режија на Игор Алексов

06.08.2026 12:52

Започна снимањето на новиот македонски игран филм „Голиот Рид“, трилер со елементи на драма и хорор-фантазија во режија на Игор Алексов. Филмот, кој е поддржан од Агенцијата за филм и се реализира како меѓународна копродукција, ќе се снима на повеќе локации во Скопје и околината, а премиерата е најавена за следната година.

Официјално започна снимањето на новиот македонски игран филм „Голиот Рид“, кинематографски трилер со елементи на драма и хорор-фантазија, во продукција на City Star Production.

Режисер на филмот е Игор Алексов, автор на меѓународно наградуваниот филм „Лена и Владимир“, додека сценариото го потпишуваат Гоце Цветановски и Алек Русјаков. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм и се реализира во копродукција со OnBros од Косово и Red Production од Србија.

Приказната го следи враќањето на мистериозна жена во нејзиниот роден дом, по што серија необјасниви смртни случаи меѓу локалната елита го принудуваат еден инспектор да ја открие мрачната тајна закопана 15 години.

Главната женска улога ја игра Анастасија Ласовска, а во актерската екипа се и Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски, Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иваноска, Адем Карага, Златко Митрески, Александар Микиќ, Гоце Андонов и други.

Снимањето ќе се одвива на повеќе локации во Скопје и околината, а премиерата на „Голиот Рид“ се очекува во текот на следната година.