Стручна комисија од Здравство ќе го истражува случајот со 19-годишната родилка
Комисијата е составена од петмина лекари-гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог. Од Министерството за здравство велат дека ќе биде опфатен целокупниот тек на третманот на пациентката – од следење на бременоста, породувањето и лекувањето...

Медицински експерт од земјава, но и од соседна држава ќе бидат дел од стручната комисија која треба да утврди дали имало пропуст при третманот на 19-годишната родилка од струмичко која по породување со царски рез остана неподвижна. Комисијата е составена од петмина лекари-гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог. Од Министерството за здравство велат дека ќе биде опфатен целокупниот тек на третманот на пациентката – од следење на бременоста, породувањето и лекувањето.
„Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна проценка, министерот за здравство побара во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава. Тој ќе учествува во разгледувањето на целокупната медицинска документација на пациентката и во изготвувањето на стручното мислење за преземените дијагностички и терапевтски постапки“, соопштија од Министерството за здравство.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат го заврши вонредниот надзор во трите болници каде била третирана 19 – годишната родилка Станка Михајлова. Обезбедена е медицинската документација од Струмичката болница, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Извештајот од надзорот е готов и доставен до Министерството за здравство, но оттаму не откриваат што е нотирано во него.
Случајот во јавноста го отвори семејството на родилката кое тврди дека компликациите започнале веднаш по породувањето со царски рез, извршено на 26 јуни во Штипската болница.
Семејството на 19-годишната Михајлова очекува надлежните да утврдат како дошло до влошување на нејзината состојба и одговорност доколку се утврдат пропусти. Михајлова е мајка на уште едно дете на возраст од старо три ипол години.
Андријана Ѓурческа
