Барометарот на корупцијата алармира за институционални пропусти
Последниот Барометар на корупцијата нотира сериозни слабости во работењето на институциите – од загадената вода во Гостивар и ревизорските наоди, до застарувањето на звучни судски предмети. Како позитивен сигнал, се издвојуваат неколку истраги за корупција и барање мито.

Од загадената вода во Гостивар до застарените судски предмети. Различни случаи, но под ист именител – слабост во постапувањето на институциите. Барометарот на корупцијата за минатиот месец предупредува дека состојбата со водата во гостиварскиот водовод не е изолиран инцидент и затоа е потребна истрага во која некој сериозно ќе одговара.
Времето стана најдобар адвокат на високата корупција, стои во извештајот во кој се нотира застарувањето на предметите Талир 2 и Тотал, а истовремено потсетува и на ревизорските извештаи во кои се детектирани неправилности во работата на неколку институции.
Од Транспаренси потсетуваат и на извештајот на ЕК дека само 21 процент од граѓаните имаат доверба во судството.
Како светли точки во борбата против корупцијата, Барометарот ги посочува обвинението против директорот на инспекторатот за земјоделство кој барал мито од 100 илјади евра, истрагата за двајцата стоматолози, но и онаа за професорката од штипскиот универзитет која побарала 300 евра за да пише 6-ка.
Анита Димитријевска – Велковска
