15 лица приведени за безобѕирно возење, петмина се малолетници
Петнаесет лица биле лишени од слобода во изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило. Сите возеле без возачка дозвола, а меѓу нив имало и петмина малолетници.

Полициски службеници во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата лишиле од слобода 15 лица поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, сите приведени управувале моторни возила без возачка дозвола, а петмина од нив биле малолетници.
По целосното документирање на случаите, против сите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без возачка дозвола, доколку имаат изречена забрана за управување, како и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Министерството потсетува дека одговорното однесување во сообраќајот е клучно за безбедноста на сите граѓани.
