Серафимовски- Хрицова: Унапредување на земјоделската соработка
Продлабочување на билатералната соработка, зголемување на трговската размена и поддршка на евроинтегративните процеси во земјоделството биле во фокусот на средбата меѓу министерот за земјоделство Борче Серафимовски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски оствари средба со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, на која биле потврдени добрите билатерални односи и заедничката заложба за унапредување на соработката во земјоделскиот сектор.
Како што соопшти Министерството, на средбата се разговарало за можностите за зголемување на трговската размена и проширување на извозот со нови земјоделски и прехранбени производи. Соговорниците ја истакнале и потребата од подобро поврзување на компаниите од двете земји, промоција на македонските производи на словачкиот пазар и отворање можности за нови деловни партнерства.
Дел од разговорите бил посветен и на евроинтегративниот процес, при што било нагласено значењето на искуството на Словачка во усогласувањето на земјоделството со европските стандарди и политики. Според Министерството, словачките искуства можат да придонесат за јакнење на институционалните капацитети и подобра подготовка на македонското земјоделство за заедничкиот европски пазар.
