Македонија

ЦУК: Регистрирани 23 пожари, активен останува само еден кај Македонски Брод

07.08.2026 09:29

До 7:30 часот утринава во земјава се евидентирани 23 пожари на отворен простор. Според Центарот за управување со кризи, еден пожар е сè уште активен, два се ставени под контрола, а 20 се целосно изгаснати.

Според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 7:30 часот на територијата на државата се регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор. Од нив, еден е активен, два се под контрола, а 20 се изгаснати.

Активен е пожарот во местото Стојанова Населба во селото Грешница, во општина Македонски Брод, каде што гори ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.

Под контрола се пожарот на депонијата во Делчево и пожарот кај гостиварското село Паталишта, каде што се зафатени ниска вегетација и нискостеблеста шума.

Во текот на изминатото деноноќие изгаснати се 20 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во општините Босилово, Валандово, Богданци, Гостивар, Желино, Брвеница, Гази Баба, Неготино, Сарај, Карбинци, Штип, Чешиново-Облешево, Ново Село, Кривогаштани, Струга, Македонски Брод, Куманово, Тетово и Долнени.

Од ЦУК апелираат на внимателност и почитување на мерките за заштита од пожари, особено поради високите температури и зголемениот ризик од избувнување нови пожари.