Култура

КИЦ во Софија и Друштвото на писателите потпишаа Меморандум за соработка

07.08.2026 20:31

Македонскиот Културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се отвораат нови можности за заеднички културни и книжевни проекти, како и за промоција на македонската литература во меѓународни рамки.

Македонскиот Културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија потпишаа Меморандум за соработка, со кој воспоставуваат долгорочно партнерство насочено кон развој на културата, книжевноста и промоцијата на македонското литературно творештво.

Документот го потпишаа директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, и претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска.

Според КИЦ, меморандумот предвидува заедничка организација на книжевни промоции, авторски средби, трибини, научни конференции, изложби, литературни фестивали, преведувачки проекти и издавачки иницијативи. Целта е афирмација на современата македонска литература и нејзино претставување пред меѓународната јавност, како и продлабочување на соработката меѓу писатели, преведувачи, истражувачи и културни работници.

Од Македонскиот Културно-информативен центар во Софија најавуваат дека и во иднина ќе продолжат да создаваат простор за претставување на најзначајните достигнувања на македонската книжевност и за воспоставување нови партнерства со релевантни културни институции.

По потпишувањето на меморандумот, претседателката на ДПМ, Гордана Јовиќ-Стојковска, му предаде на Центарот донација од изданијата на Друштвото на писателите на Македонија, кои ќе ја збогатат библиотеката на КИЦ и ќе им бидат достапни на посетителите, студентите, истражувачите и љубителите на македонската книжевност.