Култура

Грчка вечер на „Охридско лето“: Теодосија Нтоку и Масимо Полидори вечерва со концерт во „Света Софија“

07.08.2026 12:46

Во рамки на традиционалната Грчка вечер на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во црквата „Света Софија“ ќе настапат грчката пијанистка Теодосија Нтоку и италијанскиот виолончелист Масимо Полидори. Концертот се одржува со поддршка од Амбасадата на Грција во земјава.

Традиционалната Грчка вечер на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе концерт на грчката пијанистка Теодосија Нтоку и италијанскиот виолончелист Масимо Полидори. Настанот, кој се реализира со поддршка од Амбасадата на Грција во земјава, ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Теодосија Нтоку е една од најистакнатите грчки пијанистки на меѓународната музичка сцена. Списанието „BBC Music“ ја оценува како уметница со драматичен израз, емотивна суптилност и исклучителна сценска енергија. Покрај солистичката кариера, таа е основач и уметнички директор на концертниот циклус „Chinese Concerts“ и редовно соработува со светски познати музички имиња.

Нејзин партнер на сцената ќе биде Масимо Полидори, водач на групата виолончела во прочуениот оркестар на „Ла Скала“ во Милано. Полидори зад себе има богата меѓународна кариера како солист и камерен музичар, со настапи во престижни концертни сали и соработка со врвни светски оркестри и диригенти.

На програмата на концертот ќе се најдат дела од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, П. И. Чајковски, Астор Пјацола, Габриел Форе и Едвард Елгар.