Илјадници мигранти и натаму талкаат по улиците на Сеута
Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција пак, Магнус Брунер, рече дека најголем дел од оние што нелегално пристигнале, веќе се вратени во Мароко.

Околу 6.000 луѓе и натаму се наоѓаат во Сеута, една недела по масовниот прилив на околу 72.000 мигранти од Мароко. Локалните власти предупредуваат на хуманитарни и безбедносни предизвици, додека Европската Унија оценува дека Шенген-зоната останала заштитена и нема извештаи за нелегални преминувања кон континентална Европа.
„Сеута не се врати во нормала. Илјадници луѓе сè уште се тука, центрите за прием се преполни, а жителите се загрижени и исплашени дека ситуацијата може да се повтори“, изјави Хуан Хесус Вивас, градоначалник на Сеута.
Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција пак, Магнус Брунер, рече дека најголем дел од оние што нелегално пристигнале, веќе се вратени во Мароко.
„Она што го видовме во сеута беше тест за нашата отпорност и безбедност. Интегритетот на шенген-зоната е зачуван, а најголемиот дел од оние што пристигнаа нелегално се вратија во Мароко“, истакна Брунер.
