Култура

Мозаичната икона „Исус Христос на престол“ повторно пред јавноста во Охрид

07.08.2026 09:54

Еден од највредните експонати од охридското културно наследство – мозаичната икона „Исус Христос на престол“ од XIV век, денес повторно ќе биде претставен пред јавноста во Галеријата на икони. Настанот е дел од одбележувањето на 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.

Мозаичната икона „Исус Христос на престол“ од XIV век, едно од најзначајните дела од охридското културно и духовно наследство, денес повторно ќе биде претставена пред јавноста во Галеријата на икони во Охрид.

Презентацијата ќе започне во 12 часот и се организира во рамки на одбележувањето на 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид, како дел од јубилејната програма посветена на музејската дејност во градот.

Мозаичната икона била откриена во 1960 година во црквата „Света Богородица Перивлепта“ и претставува редок пример на пренослива мозаична икона од византискиот период. Таа се смета за едно од највредните сведоштва за богатото културно и духовно наследство на Охрид.

Од НУ Завод и Музеј – Охрид посочуваат дека презентацијата ќе им овозможи на посетителите одблиску да се запознаат со историската, уметничката и духовната вредност на ова уникатно дело, кое сведочи за богатата византиска традиција и вековниот културен континуитет на градот.

Настанот е отворен за јавноста и е дел од програмата со која годинава се одбележува 75-годишниот јубилеј на организираната музејска дејност во Охрид.