Лекот „Фостер“ повторно без доплата за пациентите
Осигурениците од овој месец повторно ќе можат да го подигнуваат лекот „Фостер“ од аптеките без доплата, односно ќе ја плаќаат само законски утврдената партиципација. Одлуката важи и за други лекови со исти активни компоненти што се користат во третманот на хроничната опструктивна белодробна болест.

Министерството за здравство соопшти дека од овој месец лекот „Фостер“, кој се наоѓа на Позитивната листа на лекови, повторно ќе биде достапен за осигурениците без доплата.
Како што информираат од Министерството, компанијата – носител на одобрението за ставање во промет на лекот известила дека се направени промени во интерес на пациентите. Тоа значи дека осигурениците лекот ќе можат да го подигнат од аптеките само со плаќање на законски утврдената партиципација за рецепт.
Истото правило ќе важи и за другите лекови што ги содржат истите активни компоненти и се користат во третманот на хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ).
Од Министерството за здравство велат дека и понатаму ќе продолжат со активности насочени кон обезбедување поголема достапност на лековите за пациентите по поприфатливи цени.
