Гастрономска академија за поквалитетно мени
80 проценти од готвачите во Република Македонија се со средно образование што значи дека тоа што го апсолвирале во тие образовни институции ни од далеку не може да одговори на потребите на еден луксузен хотел. Причина повеќе што поскоро да започне проектот Гастрономска академија во рамките на охридскиот Факултет за туризам и угостителство за да се подобри понудата и да се издигне квалитетот во нашите хотелско-угостителски објекти.

Во Македонија на една рака можат да се избројат врвните мајстори на гастрономијата со високо образование, со најмалку десетгодишно искуство и кои што поминале обука во странство. Во светот луксузен хотел не може да се замисли доколку главниот готвач не ја познава класичната кујна, не ги прифатил влијанијата на интернационалните кујни и што е најважно доколку нема сопствен печат во изготвување на менито. Експертите констатираат-ги заборавивме најатрактивните понуди од светските мениа.
„Кога станува збор за хотелите тука веќе се работи за ала карт понудата која што треба да вклучува многу полуксузна храна и пософистицирана. Значи бифтекот е заборавен, шатобријанот, тартар бифтекот, рагуто, па некои покласични десерти како што се сахер тортата“, вели проф. д-р Ангела Василеска.
Можеби немаме таргетна група потрошувачи на луксузна храна, но мора да направиме исчекор напред за да ја подобриме понудата, вели Василеска, бидејќи без тоа не можеме да привлечеме побогати туристи. Затоа пак студентите на гастрономската Академија со амбициозни планови.
„Како демонстратор на овој факултет чуствувам голема одговорност моето стекнато знаење во реномирани угостителски објекти да го пренесам на нашите студенти. Се со цел да профункционира Гастрономската академија која во иднина ќе соработува со врвни меѓународни институции и професионални готвачи“, вели Ѓорѓи Петкоски, студент.
Гастрономската академија треба да овозможи издигнување на гастрономската култура во Македонија и создавање на високо образовани кадри кои во моментот се навистина дефицитарни.
Сашо Нелоски
