Приведени две лица од Радолишта, во возило и при претреси пронајдено оружје
Две лица од струшкото село Радолишта се приведени откако полицијата при контрола на возило и последователни претреси пронашла повеќе парчиња оружје и муниција. Против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Две лица од струшкото село Радолишта се приведени поради поседување оружје, откако полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад при контрола на возило и последователни претреси пронашле повеќе парчиња оружје и муниција.
Според информациите од МВР, на 6 август околу 22:45 часот, на локален пат кај селото Вишни, бил извршен преглед на патничко возило „Нисан“ со струшки регистарски ознаки. Во возилото биле пронајдени пиштол „Берета“, сопственост на Б.Љ., за кој поседувал дозвола, како и пиштол „Застава“ кај Л.З., за кој не поседувал дозвола.
Л.З. бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, додека Б.Љ. бил приведен поради прекршување на Законот за оружје.
По наредба на суд, биле извршени претреси во домовите на двајцата. Кај Л.З. не биле пронајдени дополнителни предмети, додека кај Б.Љ. полицијата пронашла и одзела репетирачка пушка за која имал дозвола, пневматско оружје, куршуми со калибар 9 милиметри и пиштол за кои не поседувал соодветна дозвола.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, а по целосното документирање на настанот против приведените ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
