Масакр во училиште во Тајланд: 14-годишник уби ученици и наставници, па си го одзеде животот
Тајланд завиен во црно. Деветтоодделенец изврши масакр во училиште во предградие на Бангкок – уби наставници и ученици, има и ранети. И младиот напаѓач е мртов, а полицијата соопшти дека момчето, пред да почне да пука во школото, во домот ги застрелал и неговите баба и дедо.

Училишниот ден во Тајланд се претвори во трагедија. Наместо часови и детска врева, во средно училиште во близина на Бангкок одекнаа истрели. Во училиштето „Дебсирин Нонтабури“, кое го посетуваат околу 3.000 ученици, 14-годишен ученик од деветто одделение отвори оган и усмрти неколку ученици и наставници, по што си го одзел животот. Во нападот има и тешко ранети.
„Ова е ужасно и никогаш не требало да се случи. Длабоко сум тажен што ваков настан се случи во нашата земја. Токму затоа владата не им дозволува на луѓето да носат, да ги обновуваат дозволите или да поседуваат огнено оружје – поради вакви инциденти“, изјави Анутин Чарнвиракул, премиер на Тајланд.
Според информациите на полицијата, на инцидентот му претходел уште еден крвав пир. Момчето пред да го изврши масакрот, во домот ги убило неговите баба и дедо, и тоа со пиштолот на дедото, кој исто така бил учител. Продолжува истрагата за мотивите за нападот. Сведоците раскажуваат за ужасните моменти на паника и страв. Учениците се криеле под клупите додека се слушале истрели, а потоа наставниците и спасувачките екипи започнале итна евакуација на училиштето.
„Слушнав истрел, а потоа следеа уште неколку. Ги повикав моите пријатели да се скријат. Прво отвори оган под зградата 5, а потоа влезе во неа пукајќи во студентите додека одеше. Потоа се качи во другата зграда – Зграда 4 – и пукаше во секоја соба. Не знам зошто. Еден од моите пријатели беше застрелан. Не го познавам напаѓачот, но изгледаше како ученик со посебни потреби“, вели една ученичка, сведок на настанот.
По смртоносното пукање на засегнатите ќе им биде обезбедена психолошка поддршка.
„Во координација сме со Одделот за психологија при Министерството за јавно здравје, кој ја следи состојбата. Имаме искуство со вакви ситуации и наскоро ќе го објавиме акцискиот план. Во моментов приоритет е поддршката за училиштето, наставниците и учениците“, изјави Јодчанан Вонгсават, министер за образование на Тајланд.
Ова е едно од најсмртоносните училишни пукања во Тајланд во последните години. Во февруари, во сличен инцидент на југот од земјата, 17-годишник отвори оган во училиште и зема заложници. Во двочасовниот напад загина едно лице, а две беа повредени.
Бојана Крстевски
