Економија

Годишната стапка на инфлација забави на 2,3 проценти, храната поевтини

07.08.2026 18:56

Годишната стапка на инфлација забави на 2,3 проценти, храната поевтини. Властите охрабрени од податоците на Статистика – нема потреба од воведување нови интервентни мерки.

Годишната стапка на инфлација во Македонија забави на 2,3 проценти – покажуваат најновите податоци на ДЗС. Во јули споредено со јуни, пак, има минимален месечен раст од 0,1 процент. Најголемо поскапување има кај транспортот – за 4,4 проценти. Храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 процент. На годишно ниво, трошоците на живот се повисоки за 2,3 проценти, а цените на мало се зголемени за 1,8 проценти. Поради ова, ќе нема дополнителни мерки ќе нема. Од Министерството за економија велат дека овие показатели не упатуваат на интервентни мерки, бидејќи ценовните движења се стабилни, особено во делот на храната каде втор месец има намалување.

„Владата останува целосно посветена на заштитата на стандардот на граѓаните. Доколку се појават нови неоправдани ценовни шокови или нарушувања на пазарот, ќе реагираме навремено и ќе ги искористиме сите механизми што стојат на располагање за обезбедување пазарни услови и заштита на потрошувачите“, соопштија од Министерството за економија.

Економистите препорачуваат фискална дисциплина, контрола на јавната потрошувачка, помалку популистички мерки за да не се поткопа довербата во пазарот и да нема зголемување на инфлацијата. Македонија се соочи со увезена инфлација преку цената на енергенсите кои се берзански производ на што домашната економска и финансиска политика не можат многу да влијаат.

Владата останува на ставот дека мерките со кои се намалија акцизите и ДДВ-то на нафтата и нафтените деривати, даваат резултат и овозможуваат најевтини горива и прехранбени производи во регионот.

Александра Велинова