Недостигаат речиси 5.000 првачиња, демографите предупредуваат на сериозна криза
Помал број првоодделенци, ниска стапка на наталитет и иселување на младите – демографските показатели повторно го вклучија алармот. Експертите предупредуваат дека земјава се соочува со сериозна демографска криза која ќе остави последици врз образованието, пазарот на трудот и економијата.

Македонија се празни – наталитетот, стареењето на населението, но и иселувањето поради што цели семејства купуваат билет во еден правец ја соочува земјава со демографска криза. Податоците за речиси 5.000 првоодделенци помалку од 1-ви септември, го вклучија алармот. Демографите предупредуваат – Македонија се соочува со одливот на млади и работоспособни луѓе, а тоа има големо влијание врз наталитетот.
„Имаме одлив на население од нашата земја, а тоа е претежно младо и работоспособно население, а тоа има силно влијание врз демографскиот развој на земјава, односно врз бројот на наталитетот. Во земјава останува старото население, а бројот од година во година е сè поголем“, вели демографот Дончо Герасимовски.
Герасимовски вели дека е потребна комплетна и длабинска анализа.
„Треба една комплетна, длабинска анализа на состојбите во демографијата и состојбите во образованието. Ако ги следиме од година во година како овие трендови се движат, ќе видиме дека во последните две, три децении, бројот на населението процентуално се намалува, наталитетот опаѓа, морталитетот држи еден стандард, иако е повисок во однос на наталитетот, така придонесува за намалување на бројот на ученици во основните училишта“, објаснува Герасимовски.
Бројката од 4.900 првачиња сè уште може да се намали со дополнителни уписи, но дури и да е така, во септември ќе недостигаат најмалку 3.000 деца. Тоа се повеќе од 100 просечни училишни паралелки.
Празните места во училишните клупи за повеќе од една деценија ќе бидат празни места на факултетите, а потоа и во компаниите и целата економија.
Александра Спировска
