Голема реформа во судството

Се намалува бројот на судови, судиите ќе може да работат до 70 години

07.08.2026 17:51

Нееднаква оптовареност, недостиг на кадар и различна ефикасност – со нов закон се планира реорганизација судската мрежа. Бројот на судови ќе се намали, но продолжувањето на работниот век на судиите нема целосно да го реши хроничниот недостиг на кадар.

Со нов закон ќе се прекројува судската мрежа. Наместо 27 бројот на судови ќе се намали на 18. Судовите во Неготино, Дебар, Берово, Крушево, Кратово, Ресен, Свети Николе и Радовиш ќе се трансформираат во одделенија под надлежност на околните основни судови. Предложеното решение, велат од правда произлегува од пописот и освен што значи усогласување со европското законодавство, треба да испорача и поголема ефикасност.

„Судската мрежа се соочува со нерамномерна распределба на предметите, човечките и материјалните ресурси, што доведува до различна оптовареност на судовите и нееднаква ефикасност во постапувањето. Целта на предложените измени е да се унапреди ефикасноста, функционалноста и квалитетот на судскиот систем преку оптимизација на судската мрежа и рамномерна распределба на ресурсите и предметите“, велат од Министерството за правда.

Законот им остава можност на судиите да се пензионираат на 70 години, а истото важи и за поротниците.

„Ние имаме судови каде навистина има мал број на судии и голем број на предмети, и тоа што се продолжува можноста до 70 години е добро решение, а и самиот судија одлучува дали е способен и има проверка од Судски совет, што значи дека има заштита и мислам дека тоа е добро решение“, вели адвокатот Александар Новаковски.

Новаковски предлага законска интервенција со која и на адвокатите би им се дала шанса да се профилираат како судии.

Пролонгирањето на стажот можеби ќе ги задржи судиите во судница, но тоа нема во целост да го реши хроничниот проблем со недостаток на судии. Според податоците на Судскиот совет, во земјава недостигаат 60 насто од вкупниот број судии колку што по систематизација треба да има во системот.

Анита Димитријевска – Велковска