Македонија

Социјалните мрежи преплавени со сведоштва на мајки за доцнење на парите за породилно отсуство, ФЗОМ негира

07.08.2026 17:33

Социјалните мрежи преплавени со сведоштва на мајки за доцнење на парите за породилно отсуство. ФЗО тврди – станува збор за незначителен број предмети...

Мајки кои се на породилно отсуство се жалат – сè уште не сме добиле пари за јуни, а наближува средината на август. На социјалните мрежи споделуваат пораки и искуства и дека не им кажуваат кога средствата ќе бидат префрлени на нивните сметки.

Родилките порачуваат дека не бараат привилегии, туку почитување на законски загарантираното право. Во период кога треба да се посветат на грижата за новороденчињата, се соочуваат со неизвесност, се прашуваат како да ги покријат основните трошоци – за храна, млеко, пелени, сметки и секојдневни потреби.

МТВ побара одговори од Фондот за здравствено осигурување на што е резултат доцнењето. Оттаму негираат дека има доцнење.

„Кај најголемиот дел од корисниците, постапката за исплата на надоместокот за породилно отсуство за јуни е завршена. Постои незначителен број предмети кај кои исплатата сè уште не е реализирана, главно поради потреба од дополнување или корекција на податоците и документацијата, потребни за комплетирање на конкретниот предмет“, соопштија од ФЗОМ.

Од фондот објаснуваат дека не постои единствен датум во месецот за исплата на надоместоците за породилно отсуство и негираат дека годишните одмори на вработените создаваат застој во постапката.

„Станува збор за континуиран процес во кој секој предмет се обработува согласно со неговата комплетност и исполнетоста на законските услови. По приемот на барањето и потребната документација се вршат проверка, контрола и одобрување, а по завршувањето на постапката предметот се проследува за исплата. Токму затоа исплатите не се врзани за еден ист датум за сите корисници“, велат од ФЗОМ.

Додека институциите уверуваат дека исплатата е во тек, мајките бараат системско решение на проблемот со доцнењето на породилниот надоместок.

Борбата со негативниот демографски тренд не се подобрува само стратегија и кампања, туку и со навремена поддршка на семејствата. Родилките велат дека додека чекаат исплата на породилното отсуство, секој месец се соочуваат со неизвесност.

Андријана Ѓурческа