Собрание

Предвремени избори во Брвеница на 18-ти октомври годинава

07.08.2026 19:31

Брвеница на 18-ти октомври ќе избира нов градоначалник. Собранискиот спикер Гаши ја потпиша одлуката за предвременото гласање.

Брвеница наесен ќе избира нов градоначалник. Собранискиот спикер Гаши ја потпиша одлуката за распишување предвремени избори, кои ќе се одржат на 18-ти октомври поради смртта на Јовица Илиевски, кој ја доби довербата од електоратот на претходните избори. До изборот на нов градоначалник, функцијата ја врши Роберт Милошески, избран од редот на советниците во општината. Гаши повика кампањата да се води достоинствено.

„Кандидатите и политичките субјекти кампањата да ја водат достоинствено, со програми, идеи и визија за развојот на општината, наместо со пораки што поттикнуваат поделби или ја нарушуваат довербата во демократскиот процес. Граѓаните на Брвеница да излезат на гласање и одговорно да го искористат своето демократско право, со цел да придонесат за мирен, уреден и кредибилен изборен процес“, соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Гаши од Државната изборна комисија и од сите надлежни институции побара изборниот процес да биде спроведен професионално, непристрасно и во согласност со законските процедури.

Во меѓувреме, ДИК одлучи да се префрлат дополнителни средства во општините кои имаат блокирани сметки за да им се исплатат дневниците на членовите на избирачките одбори, кои останаа без пари за претходното гласање.

ДИК уверува дека гласањето ќе биде спроведено професионално и без проблеми.

Игор Панов