Прилеп домаќин на светската елита во болдеринг

27.09.2014 18:13

Прилеп станува најомилената дестинација за развој на алтернативниот спортски туризам во Македонија. Деновиве таму се присутни неколку стотини болдеристи кои се натпреваруваат во најелитниот ваков светски натпревар. Освен болдерингот Прилеп наголемо ги развива и параглајдингот, мотокросот и ултрапланинското трчање.

Прилеп дефинитивно станува центар за развој на екстремните спортови во регионот. После Источно европското првенство во мотокрос, деновиве во Прилеп се присутни неколку стотини болдеристи од целиот свет, учесници на „Петзел купот“. Тие се искачуваа на карпите на локалитетите, Маркови кули, Баба, и Трескавец. Странците беа восхитени.

„Ти требаат неколку животи, за да ги искачиш сите карпи, на сите мои пријатели во Мексико ќе им кажам за вашата гостопримливост“, рече Хавиер Гарсија, натпреварувач од Мексико.

„Овде е прекрасно, никогаш не сум видела толку болдери на едно место, прекрасно е“, вели Флавија Дозанчес, учесник од Бразил.

„Во иднина тука ќе доаѓаат многу многу туристи, прекрасно е“, кажа Герхард Дуро, натпреварувач од Албанија.

„Прилеп е број еден место во светот за болдери“, истакна Лохо Лафуш, учесник од Франција.

Болдеристите се натпреваруваат 40 дена, започнаа во Романија, преку Бугарија, па сега се во Македонија. Утре заминуваат за Грција и Турција. Ова е најелеитниот светски болдер натпревар.

„Петзел натпреварот уште повеќе ќе го афирмира прилеп во светски рамки, тука в година ќе има илјадници спортисти“, вели Роланд Фолож, организаторот на натпреварот.

Прилеп ги има едни од најуникатните форми на карпи во светот кои овозможуваат развој на болдерингот. Странците кои се возхитени од ова место, велат дека ова е најголемиот регхион во светот кој дозволува перспектива за развој на овој спорт.

Алтернативниот туризам полека станува една од носечките гранки и на прилепската економија, и главен приоритет на општината.

„Во близина на мотокрос патеката се прават проекти за картинг патека, патека за џипови, патека за плалнински велосипедизам и пеин бол игралиште, а сето тоа ќе биде проследено со ресторани и други објекти“ изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

За неколку недели ќе се пушти новото полетувалиште за параглајдери на Тресквец и ќе се одржи Балкански параглајдинг куп.

Дарко Штаргоски