Македонија

Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но забраната останува

07.08.2026 17:05

Анализите потврдуваат – квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но забраната останува. Се чекаат три последователни резултати кои ќе потврдат дека водата е безбедна. Граѓаните на пеколни горештини ќе се снаоѓаат како знаат и умеат.

Веќе четврта недела по ред жителите на Гостивар немаат питка вода. Газда Аби има угостителски објект. Пред камерата на МТВ раскажа дека дневно троши и до петстотини литри вода. Но, не од чешмите, зашто таа е само за техничка употреба. Тој користи пакувана вода, и за приготвување на храната и за миење на садовите.

Гостиварци на пеколните горештини се снаоѓаат како знаат и умеат. Иако на пунктовите редовно се доставува вода, дел од граѓаните се жалат дека не е доволна, па мора да купуваат дополнително. Други, пак, полнат вода и од изворите од локалните села.

Од Кризниот штаб велат дека на пунктовите редовно се доставува вода од страна на Владата и од општествено одговорни компании. Од неколку места на секои 12 часа се земаат мостри. По неколкукратните хиперхлорирања, конечно има оптимистички резултати.

Квалитетот на водата се подобрува, но се чекаат три последователни анализи кои ќе потврдат дека водата е безбедна за пиење.

Марина Стојанова-Тонева