Здравство

Седум нови случаи на вирусот Западен Нил, сите од Скопје – тројца пациенти се во критична состојба

07.08.2026 15:45

Во текот на неделава во земјава се регистрирани седум нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил, со што вкупниот број заболени достигна 20. Сите нови случаи се од Скопје, а на Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 16 пациенти, од кои тројца се во критична состојба.

Во текот на оваа недела во Македонија се регистрирани седум нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил (WNV), информираат здравствените власти.

Сите новозаболени се од Скопје – по двајца од општините Кисела Вода и Гази Баба и по еден од Илинден, Бутел и Аеродром. Заболените се на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се лекуваат 16 пациенти. Кај 15 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден суспектен случај се очекуваат резултатите.

Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани. Според информациите од Клиниката, станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања, додека останатите пациенти се во стабилна состојба и примаат соодветен третман.

Со новите случаи, вкупниот број регистрирани инфекции со вирусот Западен Нил во државата достигна 20. Првиот случај годинава беше пријавен на 15 мај во Велес.

Здравствените власти апелираат граѓаните да се заштитат од убоди од комарци, да избегнуваат престој на отворено во зори и самрак, да користат репеленти и заштитни мрежи на прозорците и вратите, како и редовно да ги отстрануваат застоените води, кои претставуваат погодни места за размножување на комарците.