Со владин авион ќе биде пренесен млад пациент повреден во Кушадаси
Министерството за здравство обезбеди итен авионски медицински транспорт за млад пациент од Македонија, кој се здобил со тешки повреди на вратните пршлени за време на престој во Кушадаси, Турција. По пристигнувањето во Скопје, тој веднаш ќе биде хоспитализиран и ќе продолжи со специјалистичко лекување.

Министерството за здравство соопшти дека е обезбеден итен медицински транспорт за млад пациент од Македонија, кој се здобил со тешки повреди на вратните пршлени за време на престој во Кушадаси, Република Турција.
Во координација со Владата, Фондот за здравствено осигурување и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), обезбеден е владин авион со кој пациентот утре ќе биде транспортиран во земјава.
За време на летот, пациентот ќе биде придружуван од специјализиран медицински тим од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), при што ќе бидат обезбедени сите неопходни услови за безбеден медицински транспорт.
По пристигнувањето во Скопје, пациентот ќе биде преземен од тимот за спинална хирургија на Клиниката, каде што веднаш ќе биде хоспитализиран и ќе му биде обезбедено натамошно специјалистичко лекување, медицинска нега и рехабилитација.
Од Министерството за здравство посочуваат дека институциите остануваат посветени на навремено и координирано обезбедување здравствена помош за пациентите кога тоа е неопходно.
