Вирусите зачестени во летниот период
Топлиот бран носи поголем број пациенти со стомачни вируси. Од Детскиот оддел во кумановската болница информираат, помош периодов бараат дечиња кои од странство доаѓаат во земјава, но и се враќаат од летните одмори.

Повисоките временски температури носат поголем број пациенти со стомачни вируси. На детското одделение во кумановската болница дневно се прегледуваат до педесетина дечиња. Симптомите најчесто се покачена температура, воспалено грло. Но регистрираат и осили, алергиски реакции по убоди од инсекти.
„Има дечиња и од одмор вратени, но повеќето се оттука. Или наши сограѓани кои живеат во странство, дојдени тука на одмор и се проследени со повраќање, течни столици, покачена температура, стомачна болка, стомачниот вирус овој период беше со дечиња со дехидрирани што имаат потреба од инфузиска терапија а некои од нив и од хоспитализација“, потенцира Маргица Арсовска, педијатар детски оддел Општа болница Куманово.
Лекарите апелираат родителите да посветат поголемо внимание на превенцијата. Најважни се редовното миење на рацете, внесувањето доволно течности, како и умерена и избалансирана исхрана.
Здравствените работници укажуваат особено малите деца да бидат заштитени со лесна облека и капа, а течности да им се нудат и кога не чувствуваат жед.
И повозрасните поради топлотниот бран, се повнимателни.
„Избегнуваме, со баба си седиме внатре, сабајле порано работиме“, нагласи еден кумановец.
„Избегнуваме одиме порано пешачиме, потоа внатре, што да правиме многу е топло. Внимаваме и на храната сега мрсно не нешто полесно само“, дополни граѓанка.
„Повеќе во сенка кога е најтопло? Да седиме во соба“, дополни друга граѓанка.
Се препорачува при патувања да се избираат периоди кога температурите се пониски.
Елена Георгиевска
