Шпанија-Италија

Мигрантската криза ги затегна односите меѓу Рим и Мадрид

08.08.2026 15:26

Мигрантската криза на Сеута ги затегна односите меѓу Рим и Мадрид. Шпанија од денеска воведе гранични контроли за летовите и бродовите од Италија, откако оваа земја привремено го суспендираше шенгенот и ги врати контролите за патниците од Шпанија.

Шпанија со контраодговор кон Италија – воведе гранични контроли за патниците кои пристигнуваат од оваа земја, дополнително продлабочувајќи го спорот меѓу двете земји околу миграцијата. До 7 септември ќе се проверуваат пасошите, државјанствата и визите на патниците кои од Италија пристигнуваат со авион или брод. Мадрид ја оправда одлуката со, како што наведува, „незапирливиот притисок на нелегална миграција“.

„Тукушто пристигнав од Болоња во Италија и да, проверките на Цивилната гарда се прилично необични бидејќи ни беше кажано во авионот дека мора да ги имаме пасошите подготвени. Не е проблем, но е малку необично бидејќи не сме навикнати на вакви проверки во рамките на ЕУ“, изјави Елиса – патничка од Италија.

Реципрочната мерка е воведена откако Италија претходно воспостави слични контроли по масовниот прилив на мигранти во шпанската енклава Сеута и одби да ги повлече, порачувајќи дека нема да попушти под „ултиматуми или притисоци“. Во меѓувреме, Сеута и натаму се одвива борбата со последиците од мигрантскиот бран. Околу 6.000 мигранти остануваат во енклавата, а досега се регистрирани повеќе од 1.300 деца без придружба.

„Тој не спиел пет дена, а сега е тука и се обидува да види дали можат да го примат затоа што слушнал дека прифаќаат малолетници. Ми кажа дека јаделе, се измиле колку што можеле, а потоа побарале помош од луѓе, некои им дале по едно евро, други им дале леб. Така се снаоѓаат ден за ден“, изјави локален жител.

За дел од семејствата, драмата продолжува во потрага по најблиските.

„Барам две момчиња, моите внуци-Бадар и Суфиен. И двајцата се малолетни. Ги барам во полициската станица, но ги нема тука. Полицискиот службеник ми рече дека треба да ги барам некаде на друго место“, изјави Адела – жена која ги бара своите внуци.

Шпанските власти најавија префрлање на малолетниците во други делови од земјата.

„Приоритет им даваме на најранливите групи, односно на девојчињата и децата помлади од 13 години, кои ги има во значителен број. Профилот на миграцијата е променет, со повеќе малолетни девојчиња и многу мали деца без придружба. Но, сите малолетници во Сеута ќе бидат згрижени“, изјави Сира Рего -министерка за млади и деца на Шпанија.

Додека властите се справуваат со последиците од мигрантскиот бран, Шпанската цивилна гарда следи повици за нов масовен обид за преминување на границата со Сеута на 15 август.

„Забележавме дека дезинформациите играат значајна улога бидејќи, меѓу овие пораки, циркулираат и гласини и лажни информации – на пример, дека границата може да биде отворена во одредени денови“, изјави Естефанија де Антонио - новинарка во Верифика РТВЕ

„Во овие групи има две клучни информации. Едната се однесува на полицијата – односно, „можете или не можете да преминете сега“, а другата го охрабрува нападот“, изјави Марга Хереро- директор за односи со јавноста на Голден Овл.

Претходно неделава министрите за внатрешни работи на ЕУ постигнаа согласност за интензивирање на борбата против мрежите за криумчарење мигранти и воведување подобар надзор на социјалните мрежи откако мигрантската криза во Сеута предизвика тревога низ ЕУ по што беше свикан итен состанок. Изминатата недела во Сеута влегле околу 72.000 мигранти, а над 75 лица загинале на патот кон Европа.

 

Бојана Крстевски