Македонија

Истекува законски предвидениот рок за истрагата против поранешниот вицепремиер Груби

08.08.2026 13:43

За две недели истекува законски предвидениот рок за истрагата против поранешниот вицепремиер Артан Груби. Доколку не биде поднесено обвинение против него, ќе излезе од куќен притвор. Од „Вреди“ се сомневаат дека Груби со тајните за ДУИ ја купува сопствената слобода. Од ДУИ, пак, реагираат дека е ова неприфатлив притисок врз правдата.

Доколку до 22 август нема обвинение против Груби, тој ќе биде ослободен од куќен притвор. Од „Вреди“ се сомневаат дека Груби пропеал и на тој начин ја купува сопствената слобода преку откривање на тајните за интегративците. Оттаму бараат, Обвинителството да постапи за случајот „Лотарија“ зашто според нив, Груби е црната кутија на ДУИ и знае кој ги полнел џебовите со парите од зделките на коцкарскиот бизнис.

„Затоа Али Ахмети има причина да спие со едното око отворено, а со другото да го следи Груби. За да му се тргне маката на Али Ахмети и јавноста да добие јасна слика, „Влен“ бара од обвинителството да престане да игра криенка со правдата и јавно да каже зошто сè уште нема обвинение во случајот „Лотарија“, каде заглавија постапките и дали воопшто презело нешто по наодите на американските власти.“, велат од „Вреди“.

Ова е неприфатлив притисок врз правдата, реагираа од опозициската ДУИ. Обвинителите ја носат одговорноста и мора да одлучуваат врз основа на закон, докази, вештачења, а не врз основа на партиски наредби и желби. Ова е потврда на досегашните сомневања за притисокот на владата врз обвинителството и судството, додаваат од ДУИ.

„Влен се обидува да ја камуфлира својата неспособност и целосниот неуспех со политички прогон и притисок врз обвинителството. Нека почнат од своите редови, како на пример со Изет Меџити и Висар Ганиу за над 250 милиони евра штета со незаконски градби, Бурим Латифи за над 19 милиони евра штета на буџетот, Недим Рама и други злосторници од нивните редови.“, велат од ДУИ.

Артан Груби пред да се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026, беше избеган во Косово. Тој се товари за проневера на 8,2 милиони евра во Државна лотарија. Од безбедносни причини од затворот Шутка беше префрлен во куќен притвор.

Фиљана Кока