Македонија во портокалова фаза, надлежните со апели да не се излегува без потреба и да се пијат течности
Алармот е вклучен. Цела Македонија е во портокалова фаза поради пеколните горештини и температурите, кои во урбаните средини надминуваат 40 степени. Граѓаните едвај функционираат во пикот на топлотниот бран – зачестија колапсите и ударите, екипите на Брзата помош имаат полни раце работа.

Цела Македонија е во портокалова фаза, живата во термометарот се искачи и над 40-тиот степен, особено во урбаните средини. Горештините ќе траат и во текот на следната недела, најавија од Управата за хидрометеоролошки работи.
Лекарите предупредуваат – секое непотребно излегување кога е најжешко е ризик за здравјето, особено за повозрасните и хронично болните. Секојдневно има повици до брзата помош за колапси и мозочни удари.
Граѓаните бараат сенка и се разладуваат со вода. Велат, јадат и повеќе овошје ама тешко се справуваат со пеколните горештини.
Разладување не е на повидок.
Од Институтот за јавно здравје советуваат да се побара помош ако се почувствува вртоглавица, гадење, грчеви во мускулите, или забрзана срцева работа.
Борис Грујоски
