Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но сè уште не е за пиење
Квалитетот на водата во Гостивар значително подобар, но забраната останува додека не се потврди дека повеќе нема бактерии – најнови информации од Кризниот штаб.

Водата во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење. Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека последните наоди покажуваат значително подобрување на квалитетот на водата од градскиот водовод, но посочи дека е потребно уште време пред таа официјално да биде прогласена за безбедна за пиење. Забрана останува, освен за техничка употреба, а засега и никој точно не знае до кога гостиварци ќе бидат без вода за пиење зашто и натаму се чекаат три последователни анализи кои ќе потврдат дека повеќе нема присуство на бактерии.
СДСМ го прозва државниот обвинител за случајот Гостивар. Прашуваат дали Савески е на екскурзија. Зошто молчи обвинителството, кога веќе има официјално признание дека во водата има многу различни бактерии, а претходно се тврдеше дека е технички исправна.
„Дали и Савески е на екскурзија? Клековски конечно прозборе. Во водата во Гостивар имало „многу различни бактерии и вируси“. Претходно Мицкоски уверуваше дека водата е технички исправна. Како знаеше? Имаше „чувство“? Сега фокусот е на следење хепатит. Зар истиот Клековски не тврдеше дека епидемијата завршила, иако долго време ја криеше?Сега повторно има проблем, а тој како „стручњак за хепатит“ ја следи ситуацијата?“, соопштуваат од СДСМ.
За случајот веќе се води кривична постапка. Основното јавно обвинителство Гостивар на 20 јули отвори истрага против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, како и против техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, кои завршија во 30 дневен притвор.
Марина Стојанова -Тонева
