Македонија

Музичко-сценски спектакл во Охрид за 35 години независност, караванот продолжува низ Македонија

09.08.2026 09:30

Охрид вечерва е домаќин на голем музичко-сценски спектакл посветен на 35-годишнината од независноста на Македонија. На стадионот „Билјанини извори“ од 19:30 часот преку музика, глума и танц ќе биде раскажана приказната за изминатите три и пол децении, а прославата во наредниот период ќе продолжи и во други градови низ земјава.

Музичко-сценскиот караван по повод 35 години независност на Македонија вечерва продолжува во Охрид, каде на стадионот „Билјанини извори“ ќе биде изведен голем мултимедијален спектакл.

Преку музика, глума и танц ќе бидат претставени најзначајните историски моменти, предизвиците, подемите и достигнувањата на државата во изминатите 35 години.

По Охрид, спектаклот на 11 август ќе биде изведен во Битола, пред платото на Офицерскиот дом, а на 12 август во Велес, во паркот пред Општината. Караванот во пресрет на 8 Септември ќе посети вкупно 11 градови низ државата, а останатите локации дополнително ќе бидат објавени.

Музичката програма продолжува на 15 август во Градскиот парк во Струмица, каде ќе настапат македонските легендарни бендови „Меморија“, „Мизар“ и „Синтезис“.

Веќе следниот ден, 16 август, на истата локација ќе настапат светските ѕвезди на електронската музика Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд.

За 1 септември е најавен голем концерт на Плоштадот Македонија во Скопје, на кој ќе настапи славниот шпански тенор Хозе Карерас, заедно со македонските музички имиња Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Концертот ќе биде придружуван од Оркестарот на Филхармонијата.

Кулминацијата на одбележувањето е најавена за 4 септември на Плоштадот „Македонија“, со перформанс во кој ќе учествуваат повеќе од 120 уметници.

Музичкиот дел од прославата ќе заврши на 8 септември со настапот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје.

Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ започна на 2 август, на Илинден, во Битола.