25 пожари за едно деноноќие, два сè уште активни
Во изминатите 24 часа низ Македонија се регистрирани 25 пожари на отворен простор, од кои два остануваат активни, еден е под контрола, а 22 се целосно изгаснати. Најчесто горела ниска вегетација, но огнот зафатил и шума, дрвја, отпад и депонии.

Во изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани вкупно 25 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи.
Од нив, два пожари се активни, еден е ставен под контрола, додека 22 се целосно изгаснати.
Активен е пожарот во Горно Лисиче, во Општина Аеродром, каде гори ниска вегетација, дрва и пченка. Активен е и пожарот на излезот од Крива Паланка, каде е зафатена депонија.
Пожарот над селото Зелениково, каде гореле шума и ниска вегетација, е ставен под контрола.
Во текот на изминатото деноноќие се интервенирало и на пожари во повеќе скопски општини – Гази Баба, Ѓорче Петров, Сопиште, Арачиново, Студеничани и Карпош.
Пожари биле регистрирани и во Новаци, Долнени, Прилеп, Чашка, Велес, Росоман, Струга, Липково, Врапчиште, Желино, Гостивар и Делчево.
Најчесто горела ниска вегетација, но во дел од пожарите биле зафатени и шума, дрвја, отпад и депонии.
