Блиски Исток

Иран: Ормутскиот теснец останува затворен сè додека САД не го променат однесувањето

09.08.2026 13:31

Ормутскиот теснец повторно станува точка на судир меѓу Иран и САД. Техеран поставува услови за отворање на клучниот воден пат, додека Вашингтон очекува Иран да ги исполни договорените ветувања. Во меѓувреме, во Иран се појави и првата снимка од врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, во време на шпекулации за неговата здравствена состојба.

Ормутскиот теснец нема да биде отворен сè додека САД не го променат однесувањето. Иран постави нови услови за повторно отворање на клучниот воден пат – Техеран бара Вашингтон да ја укине поморската блокада, да ги повлече воените сили и трајно да ја прекине војната. Барањата доаѓаат во момент кога Иран и Оман сигнализираат дека се блиску до договор за управување со теснецот.

„Повторното отворање на Ормутскиот теснец има свој специфичен механизам и нема никаква врска со преговорите меѓу Иран и Оман. Тоа зависи од степенот до кој САД ги прифаќаат условите утврдени од Исламската Република Иран. Додека Америка не го коригира своето однесување, теснец нема да биде повторно отворен“, изјави Хосеин Мохеби, портпарол на паравоената Револуционерна гарда на Иран.

Од Вашингтон, пак, стигнува поинаква порака – тврдат дека Иран се обврзал да не воведува такси за премин низ теснецот и дека ќе овозможи непречен протокот на нафта и гас. Потпретседателот Венс соопшти дека САД сè уште проценуваат дали Техеран е подготвен за промени – во спротивно, притисокот ќе продолжи.

„Нашето очекување е дека ќе видиме иста количина нафта и гас што излегува од Заливот како пред почетокот на конфликтот. Тоа е она што Иранците ни кажаа дека ќе го направат. Само се обидуваме да се осигураме дека ќе го добиеме она што ни треба од овој конфликт. Тука сме во средината на играта. Ова не е завршено и сигурно веќе не е на почетокот – ние сме во средината на играта“, рече Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Во меѓувреме, во Иран се појави и првата снимка од врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, во време на шпекулации за неговата здравствена состојба. Иранската агенција „Мехр“ ја објави снимката, но не соопшти кога и каде е направена. Нов развој доаѓа и од Јемен, каде што војската започна одмазднички напади врз бунтовниците Хути, поддржани од Иран. Јемен ја обвинува групата дека ја вовлекла земјата во регионални конфликти во служба на странски интереси.

„Нашите вооружени сили спроведоа воена операција против силите и капацитетите на милицијата Хути, вклучувајќи ги и нејзините терористички елементи, на неколку оски по должината на фронтовските линии со нашите вооружени сили. Нагласуваме дека секој напад врз еден фронт или оска се смета за напад врз сите фронтови и оски на нашите вооружени сили“, нагласи полковник Маџед ал-Назили, портпарол на јеменската војска.

Во истовреме, Хутите соопштија дека со дрон ја погодиле рафинеријата на саудискиот „Арамко“ на брегот на Црвено Море како одмазда за упадите со саудиски дронови во северозападен Јемен. Саудиските власти потврдија дека го изгаснале пожарот. Хутите се меѓу групите кои се закануваат со проширување на конфликтот, додека САД и Израел се во војна со Иран. Групата претходно напаѓаше комерцијални бродови, а неодамна ги засили и нападите врз Саудиска Арабија.

Бојана Крстевски