Македонија

Водата во Куманово безбедна за пиење

09.08.2026 16:38

Водата од градскиот водовод во Куманово е здравствено исправна и безбедна за пиење, уверуваат надлежните служби. Нема проблеми со квалитетот, ниту со снабдувањето со вода, но апелираат до граѓаните на рационална потрошувачка за да се избегне намален притисок во повисоките делови од градот.

Здравствено исправна и безбедна за секојдневна употреба и пиење, е водата од јавниот водовод во Куманово. Центарот за јавно здравје, јавното претпријатие „Водовод“ и фабриката за преработка на вода, континуирано вршат испитувања. Мостри од водата се земаат еднаш неделно, односно секој понеделник. Во текот на годината се анализираат вкупно 130 мостри од различни локации.

„Сите испитани мостри ги исполнуваат пропишаните услови и се во согласност со законските и санитарно-хигиенските стандарди. Редовно се следи и нивото на резидуален хлор, кој е еден од најважните показатели за безбедноста на водата за пиење“-информираат од ЦЈЗ Куманово.

Јавното претпријатие „Водовод“ зема мостри од 11 мерни места. Отстапувања засега нема.

„Немаме проблеми ниту со прочистувањето на водата, ниту со потрошувачката на средства за прочистување на вода. Водата од филтер станица како и од дренажниот систем Бедиње и Митев мост е целосно безбедна за пиење“, истакна Тони Јовчевски, раководител на одделение за водоснабдителни објекти ЈП „Водовод“ Куманово.

Оваа сезона кумановскиот регион нема позначајно нарушување на водоснабдувањето. Акумулациите располагаат со доволни количини. Единствено повисоките делови од градот, во вечерните часови регистрираат намален притисок, поради нерационалната потрошувачка. Се апелира граѓаните да бидат совесни, да не полеваат, дворови, бавчи, полнат базени.

Елена Георгиевска