Ризик од пожари поради високите температури, ЦУК со апел за внимателност
Поради порастот на дневните температури, денеска се зголемува и индексот за опасност од пожари. Централниот, јужниот и источниот дел од земјата попладне ќе бидат со многу висок FWI, што значи зголемен ризик од појава и брзо ширење на пожари со многу висок интензитет.
Со порастот на дневните температури денеска се зголемува и метеоролошкиот индекс за опасност од пожари – FWI (Fire Weather Index), информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамет Али.
Според податоците од Системот за шумски пожари – МКФФИС, во попладневните часови источниот, централниот и јужниот дел од земјата ќе бидат со многу висок FWI.
Од ЦУК предупредуваат дека тоа укажува на зголемен ризик од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор, како и шумски пожари со многу висок интензитет.
Останатите делови од земјата се со висок индекс на опасност од пожари, додека исклучок се повисоките планински предели, каде што FWI е низок и многу низок.
Директорот на ЦУК апелира до граѓаните на особена внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа.
„Секое невнимателно постапување може да предизвика пожар кој, во вакви временски услови, може многу брзо да се прошири и да зафати поголема површина“, посочува Али.
ЦУК продолжува со континуирано следење на состојбата преку МКФФИС, како и со навремено информирање и координација на надлежните институции.
