Здравство

Лекарите предупредуваат на летните ризици

09.08.2026 13:53

Скок во вода, тобоган, глисер или долго патување со автомобил – навидум безопасните летни активности можат да завршат со тешки повреди. Ортопедскиот хирург Александар Каревски предупредува дека дел од повредите може да остават и траен инвалидитет.

Само секунда невнимание, еден удар и летниот одмор може да се претвори во долга борба за здравје. Случајот со младиот Македонец кој настрада на тобоган во Турција повторно го отвора прашањето: колку навидум безопасната забава во водените паркови може да биде ризична.

Во операционата сала завршуваат капачи по обичен скок со сериозни повреди што може да доведат дури до инвалидитет, вели за МТВ ортопедскиот хирург, Александар Каревски.

Во летниот период најчести предизвикувачи на тешки повреди се глисерите и скутерите кои се впуштаат во плитките води и не ги забележуваат капачите, што пак е фатално, додава Каревски.

Каревски предупредува дека летниот одмор може да ви се претвори во пекол поради замореноста при управување со возилото на подолги растојанија, непримерното однесување на совозачот со нозе поставени над воздушното перниче што при помал удар може да се отвори и да предизвика тешки скршеници и секако консумирањето на алкохол или други опијати.

Фиљана Кока