Водата во Гостивар се подобрува, но сè уште не е за пиење – партиите продолжуваат со обвинувања
Последните анализи покажуваат подобрување на квалитетот на водата во Гостивар, но таа и понатаму не е безбедна за пиење. Додека се чекаат три последователни анализи без присуство на бактерии, СДСМ бара одговорност за кризата, а ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека проблеми со квалитетот на водата имало и во периодот на владеење на СДСМ.

Според последните резултати, квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но и понатаму не е безбедна за пиење. Од Кризниот штаб велат дека хлорирањето продолжува. Во меѓувреме продолжува и доставувањето на питка вода за пиење од Владата и од општествено одговорните компании. Техничка вода редовно се доставува со цистерни во зависност од потребата на жителите.
И додека се чекаат трите последователни анализи кои ќе потврдат дека повеќе нема присуство на бактерии, партиите продолжуваат со меѓусебните обвинувања.
Социјалдемократскиот сојуз бара одговорност за настанатата кризна состојба во Гостивар. Велат дека жителите цел месец се без чиста вода за пиење, а повеќе од 4.000 лица завршиле во болница како последица на загадувањето. Не може институциите да потфрлат и да не го заштитат здравјето на луѓето и никој да не одговара.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека состојбата со квалитетот на водата во Гостивар не е нов. Односно дека и во периодот на владеење на СДСМ имало сериозни индикации дека водата за пиење во Гостивар не ги исполнува законските критериуми.
Марина Стојанова-Тонева
